Дипломатија

Реакции за инцидентот со косовската претседателка

03.08.2024 17:12

Македонските власти ќе ги чекаат резултатите од истрагата, а потоа ќе преземат мерки за инцидентот што се случи на скопскиот аеродром, каде што вработен во турската компанија ТАВ не дозволил косовската претседателка Вјоса Османи да мине без проверка на нејзиниот телефон и чанта. Косово испрати протестна нота до македонските власти и бара итна разрешница. Министерот Муцунски повика на смиреност и најави дека ќе бидат преземени сите мерки за решавање на случај...

Инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи ќе се анализира во соработка со надлежните институции, а потоа ќе се преземат мерки и активности, став на македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Тој изрази жалење за како што вели, недоразбирањата кои се случиле при патувањето на косовската претседателка, откако претходно Косово побара извинување од него и од македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова и прати протестна нота. Бараат итно разрешување на случајот.

„Република Македонија и Република Косово одржуваат позитивни и конструктивни билатерални односи и соработка, без отворени прашања и со искрен и континуиран дијалог на сите нивоа и во сите области. Напоменуваме дека од страна на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија во врска со вчерашниот настан веќе се побарани информации од сите надлежни институции“, се вели во реакцијата на Муцунски.

Реагираа и од Министерството за внатрешни работи. Велат – член на обезбедувањето на косовската претседателка се обидел да оттурне вработен во ТАВ со цел нејзиниот телефон и рачен багаж да не бидат скенирани.

„Додека косовската претседателка поминувала на гранична контрола на Меѓународниот аеродром „Скопје“, во моментот кога од неа било побарано да го остави телефонот за да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнало вработеното лице од ТАВ, за таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Иако вработениот бил оттргнат, сепак багажот бил вратен и поминал на скенер“, се вели во соопштението на МВР.

Известен е одделот за внатрешна контрола и во координација со Основното јавно обвинителство се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. 

За инцидентот се огласија и од ТАВ Македонија. Велат дека одделот за обезбедување постапил во рамките на овластувањата и спровел стандардна безбедносна проверка во ВИП салонот со цел обезбедување на конкретниот комерцијален лет.

Инцидентот повод и за партиски реакции. Од СДСМ очекуваат детални информации од надлежните институции во најкус можен рок.

СДСМ располага со целосни информации за тоа што точно се случило и доколку МВР се обиде да ги филува фактите, сè ќе биде објавено. Истрагата за овој случај не треба да претставува никаков проблем за МВР и за Обвинителството бидејќи аеродромот е под целосен видеонадзор и без проблем може да утврдат сите детали“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од „Вреди“ пак реагираат дека овој како што велат крајно вознемирувачки случај, е продолжување на проектот за радикализација на ДУИ. Интегративците пак возвраќаат – косовското претседателство ги откри сите лаги на вазалите од „Вреди“.

Од косовското Министерство за надворешни работи односот на аеродромското обезбедување кон косовската претседателка го нарекоа недостоинствен, тврдејќи дека имало и обид за одземање на телефонот на претседателката.

 

Марија Котовска