туризам

Охрид преплавен од гости, но нема капацитет за масовен туризам

03.08.2024 20:24

Дестици илјади гости го преполнија Охрид за Илинденскиот викенд. Младината од цела држава се забавува до раните утрински часови. Градот е затрупан со отпад, проблеми има и со водоснабдувањето, паркингот и канализацијата. Главниот туристички центар нема капацитет за масовен туризам...

На Охрид не му доликува масовен туризам. Градот нема капацитет, а масовноста носи низа штетни последици. Наутро е затрупан со отпад, попладне се соочува со проблеми со водоснабдувањето и канализационата мрежа, метеж во сообраќајот, недостиг на паркинг.

Прегласната музика и врева од големиот број концерти до раните утрински часови не дозволува мирен и спокоен одмор на туристите. Охрид е културна метропола со светско наследство и итно е потребна стратегија за развој на културен и екотуризам.

„Охрид заслужува многу повеќе со она што го нуди и што го има секако дека ние треба да си направиме понуда и цена и стратегијата ќе си донесат свој резултат. Во моментот она што го нудиме тоа и го добиваме“, вели Челик Асим туристички работник од Охрид.

Според експертите потребна е промена на понудата за привлекување на еколошки свесни и културни туристи. Наместо за забава гостите да доаѓаат за археолошките наоѓалишта, музеите, културно историските споменици и недопрената природа.

„Имаме многу млади, кои мене не ми пречат но самата таа младина гледаме остава расфрлано ѓубре, кршено клупи. На место каде културата е на право место во нашиот град. Од тука потекнува културата и писменоста и ние наместо да се стремиме кон подобар туризам и повеќе културни настани ние сме влезени во некоја димензија каде го губиме тој шмек на Охрид“, вели Марјан Трпески менаџер на хотел.

Охрид треба богатото културно историско наследство да го преточи во квалитетна туристичка понуда. Да се промовираат ретките споменици на културата, кои ќе донесат платежно способни и свесни гости.

 

Соња Рилковска