Луковица единствено село без асфалтиран пат
Неколкуте фармери од тетовска Луковица мака мачат со транспортот на млечни производи, особено во време на поројни дождови кога на земјениот пат кој води до селото се појавуваат големи дупки и вдлабнатини. Луковица е единственото село во Полошко до кое не води асфалтиран пат. Поради лошата состојба со инфраструктурата голем број луѓе се иселени од селото …

Фармерот Ќире Милошевски е еден од ретките во тетовска Луковица, кој со своето семејство одлучил да живее во својот роден крај.
Голем број негови соселани уште одамна ја напуштиле Луковица, но трендот не запира. Во село каде нема доктор, училиште и работа никој не сака да остане, вели Милошевски.
За да не се празнат руралните средини, државата треба повеќе да инвестира во вакви краишта, додава тој.
Најголем проблем на селото е патот кој од месноста викана „Крстец“ па се до Луковица во должина од 5 километри не е целосно асфалтиран. Останаа уште околу 2 километри нерамен пат со дупки, земја и песок, делница кој беше предвидена да се асфалтира, откако Владата во два наврати одобри средства за оваа намена.
Мештаните тврдат дека владините пари биле повеќе од доволни да се изгради целиот пат, но општината истиот го градела недомаќински со цена за метар квадратен како да гради автопат.
Од Општина Желино ги отфрлаат обвинувањата на месната заедница од Луковица. Според нив, владините средства добиени за патот биле искористени според сите законски прописи. Луковица е единственото село во Полошко до кое не води асфалтиран пат.
Зоран Димовски
