Нови тензии на Блискиот Исток, состојбата излегува од контрола
Состојбата на Блискиот Исток излегува од контрола. Милитантите на Хезболах истрелаа десетици проектили кон Израел. Активирана „Железната купола“, нема пријавени жртви или материјална штета. Светот стравува дека во наредните 24 часа ќе следува одмаздата на Иран за убиствата на политичкиот лидер на Хамас и главниот воен командант на Хезболах...

Нови тензии на Блискиот Исток. Активирана „Железната купола“, десетици ракети истрелани од јужен Либан кон Горна Галилеја како одговор на атентатите на двајцата лидери на Хезболах и Хамас. Во исчекување на одмаздата на Иран, Бајден се надева дека Техеран ќе се откаже.
„Се надевам дека е така. Не знам“, изјави Џозеф Бајден, претседател на САД.
Во истовреме, официјални лица велат одмаздата би можела да се случи уште утре. Во телевизиска изјава, Иран ги прозва САД за поддршката на нападот, за кој го обвинува Израел. Спротивно на извештаите за поставена бомба, тврдат дека проектил со краток дострел стои зад убиството на шефот на Хамас.
„Атентатот на шефот на Хамас беше планиран и извршен од ционистичкиот режим со поддршка од криминалната американска влада. Врз основа на истрагите, тој е извршен со проектил од краток дострел со боева глава тешка околу 7 килограми, надвор од областа за сместување гости. Одмаздата е сигурна! Терористичкиот ционистички режим ќе добие цврст одговор на ова злосторство. Сурова казна, во соодветно време, локација и начин“, изјави водител на вести на Иранската државна телевизија.
Гори и во Газа. Во воздушен напад во текот на ноќта погоден камп во дворот на болницата Ал Акса. Има жртви и повредени. Претходно на удар и училиште.
„Училиштето Хамама беше погодено. Извадивме многу тела. Еден од жителите добил повик од окупациските сили дека областа повторно ќе биде цел. Заминавме и повторно следеше напад што двојно го зголеми бројот на жртви и ранети“, вели Рами Дабабиш, цивилна одбрана.
Не мирува ниту Западниот Брег. Во напад со нож Палестинец уби двајца и повреди уште две лица во Холон.
„Можеше катастрофата да биде многу поголема, но нашите офицери се искусни и го неутрализираа терористот. Носете оружје, тоа спасува животи“, изјави Итамар Бен-Гвир, министер за национална безбедност.
Во услови на разгорени тензии во регионот, шефот на американската Централна команда, генерал Курила во посета на Израел. Во истовреме, списокот на земји кои упатија итен апел до своите граѓани да го напуштат Либан расте.
Бојана Крстевски
