ОЛИМПИЈАДА

Париз во центарот на вниманието на туристите, продадени 10 милиони билети за Олимписките игри

04.08.2024 17:03

Амбиентот на веселба и добро расположение, кој е засилен со добрите резултати на нивните спортисти, првите денови од ОИ одговорија и на стравувањата изразени за безбедноста и резултатите за хотелиерите и трговците …

Критиките и загриженоста изразени пред ОИ, станаа подискретни по свеченото отворање. Иако од страната на туристичките работници и трговците сè уште има воздржаност.

Мал број Французи, судејќи според испитувањата на јавното мислење ја критикуваа свечената церемонија на отворањето, дури на 86 отсто од испитаните, таа им се допадна и создаде еден елан, кој беше отсутен до самото отворање, па и саботажата на мрежата на француските брзи возови.

Доволно е да се види ентузијазмот во Паркот на шампионите во градините на Трокадеро во Париз, кога се појавија играчите на Рагби 7, првите носители на златната медалја за Франција. Но покрај тој амбиент на веселба и добро расположение, кој е засилен со добрите резултати на нивните спортисти, првите денови од ОИ одговорија и на стравувањата изразени за безбедноста и резултатите за хотелиерите и трговците.

Засега не е забележан некој безбедносен проблем, тука е сè разбира силната мобилизација на силите на редот – 30.000 до 45.000 припадници се секојдневно во Париз.

Јавниот превоз за кој се стравуваше дека нема да биде подготвен и да ја задоволи побарувачката, функционира беспрекорно.

Таму каде што се не е како што се посакуваше се рестораните, откако на почетокот на јули нивната посетеност беше намалена за 13 отсто, на крајот на месецот беше 25 отсто. Во големите трговски центри и галерии по почетокот на игрите се почувствува раздвиженост, но не е сигурно дека туристите, од кои најбројни се Французите ќе потрошат многу во период на инфлација.

Хотелите, откако ги намалија цените започнаа да се полнат, така 82 отсто од капацитетите се полни.

Втората половина на Олимпијадата во Париз, би требало да продолжи со исто, а можеби и уште поубаво расположение на Французите и гостите од светот. А можно е и ново изненадување на свечената церемонија на затворањето на ОИ.

 

Тони Гламчевски