Блиски Исток

Гори во Газа, жртви и ранети во воздушен напад

04.08.2024 14:07

Нови тензии на Блискиот Исток. Истрелани ракети како одговор на атентатите на двајцата лидери на Хезболах и Хамас. По светот и македонското МНР со повик до граѓаните да не патуваат во Либан. Авиокомпаниите ги прекинаа летовите...

Нови тензии на Блискиот Исток. Активирана „Железната купола“, десетици ракети истрелани од јужен Либан кон Горна Галилеја како одговор на атентатите на двајцата лидери на Хезболах и Хамас. Во исчекување на одмаздата на Иран, Бајден се надева дека Техеран ќе се откаже.

„Се надевам дека е така. Не знам“, изјави Џозеф Бајден, претседател на САД.

Во истовреме, официјални лица велат одмаздата би можела да се случи уште утре. Нетанјаху подготвен.

„Подготвени сме на секое сценарио – и во одбрана и во напад. Им повторувам на нашите непријатели: ќе одговориме и ќе наплатиме висока цена за секој чин на агресија против нас, од кој било фронт“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во телевизиска изјава, Иран ги прозва САД за поддршката на нападот, за кој го обвинува Израел. Спротивно на извештаите за поставена бомба, тврдат дека проектил со краток дострел стои зад убиството на шефот на Хамас.

„Атентатот на шефот на Хамас беше планиран и извршен од ционистичкиот режим со поддршка од криминалната американска влада. Врз основа на истрагите, тој е извршен со проектил од краток дострел со боева глава тешка околу 7 килограми, надвор од областа за сместување гости. Одмаздата е сигурна! Терористичкиот ционистички режим ќе добие цврст одговор на ова злосторство. Сурова казна, во соодветно време, локација и начин“, изјави водител на вести на Иранската државна телевизија.

Гори и во Газа. Во воздушен напад во текот на ноќта погоден камп во дворот на болницата Ал Акса. Има жртви и повредени. Претходно на удар и училиште.

„Училиштето Хамама беше погодено. Извадивме многу тела. Еден од жителите добил повик од окупациските сили дека областа повторно ќе биде цел. Заминавме и повторно следеше напад што двојно го зголеми бројот на жртви и ранети“, изјави Рами Дабабиш-цивилна одбрана.

Не мирува ниту Западниот Брег. Во напад со нож Палестинец уби двајца и повреди уште две лица во Холон.

„Можеше катастрофата да биде многу поголема, но нашите офицери се искусни и го неутрализираа терористот. Носете оружје, тоа спасува живот“, изјави Итамар Бен-Гвир, министер за национална безбедност.

Во услови на разгорени тензии во регионот, шефот на американската Централна команда, генерал Курила во посета на Израел. Во истовреме, списокот на земји кои упатија итен апел до своите граѓани да го напуштат Либан расте.

Бојана Крстевски