64-ти роденден на фестивалот „Охридско лето“
Најзначајната музичко-сценска манифестација во земјава, фестивалот „Охридско лето“, денеска го одбележува шеесет и четвртиот роденден. Во својата богата историја со славни имиња од светската музичка елита и врвни театарски креации. Фестивалот секогаш во текот на четириесетте дена секое лето е празник на уметноста, со што придонесува за афирмацијата на Охрид и Македонија …

Со настапот на салса-оркестарот „Меркадонегро“ вечерва ќе биде прославен 64. Роденден на „Охридско лето“. Приказната за фестивалот почна пред повеќе од шест децении со настапот на оперската дива Ана Липша-Тофовиќ токму на 4-ти август во црквата „Света Софија“. Во годините наназад „Охридско лето“ прерасна во најзначајна македонска музичко-сценска манифестација која придонесе на сцените во Охрид да продефилираат голем број познати светски уметници.
„Охридско лето е наш уникатен македонски подиум на кој се вкрстуваат уметничките креации од целиот свет. Тука од фестивалската сцена на „Охридско лето“ секоја година се обединуваат различните култури оставајќи неизбришлива трага за идните генерации“, изјави Наташа Поповиќ, директор на фестивалот „Охридско лето“.
Членовите на „Меркадонегро“ салса-оркестарот со голема возбуда го очекуваат вечерашниот настап на летната сцена долни сарај.
„Вечерва на публиката ќе и биде понудено музичко патување низ земјите на Јужна Америка, при што ќе ги доловиме нашите корени од државите од кои доаѓаме“, изјави Родриго Родригез-музичар.
„За првпат сме тука, но ако се цени според убавото време и прекрасниот пејзаж, се чувствуваме како дома. Вечерашниот концерт е специјално подготвен за вашата публика“, изјави Армандо Миранда-раководител на оркестарот.
Оркестарот „Меркадонегро“ е составен од музичари од Колумбија, Венецуела, Куба и други земји.
Сашо Нелоски
