Мицкоски: Има многу индиции за сторен криминал кој Обвинителството треба да го испита
Индиции за епски криминал, сторен од претходното раководство на ДУИ и СДСМ, обвинува премиерот Мицкоски. Тој вели дека пари нема а нема ниту проекти. Во интервју за неделникот „Фокус“ објаснува дека Судството и Обвинителството мора да се исчистат од корумпирани судии и обвинители. Предупредува дека неодговорното однесување на ДУИ претставува закана за мирот и стабилноста, а суштината на тоа е заштита на капиталот стекнат во 20 години власт …

Има многу индиции за сторен криминал кој Обвинителството треба да го испита по допрен глас, но во моментов има нула дејство и истраги, Судството и Обвинителството мора да се исчистат од корумпирани судии и обвинители – вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју за неделникот „Фокус“. Според Мицкоски, Владата нуди модел со кој тие самите ќе го сторат тоа, без да се меша извршната власт. Судиите и јавните обвинители сами да изберат кој ќе го води Советот на јавни обвинители и Судскиот совет и да бидат независни преку автономен буџет. Додава дека надзор во парламентот може да го врши Комисијата за надзор над работењето на овие институции.
„Таа комисија ќе биде составена од пратеници и од власта и од опозицијата. И тие ќе имаат можност да прават редовни и вонредни контроли и да видат дали има злоупотреби. Ако има, планираме законски интервенции, па и кривично гонење, не само разрешување“, вели Мицкоски.
Во интервјуто истакна дека постојат сериозни индиции и докази за епски криминал и злоупотреба на голема суми пари во повеќе институции од претходната власт на СДСМ и ДУИ. Милиони евра биле злоупотребувани за пензии, недостигаат пари во „Национални шуми“ и „РЕК Битола“, а на тендер се плаќала 200 проценти повисока цена.
„Вие имате недостаток од 5 милијарди денари, што е повеќе од 80 милиони евра, за да се исплатат редовни пензии, без оние 2 пати годишни усогласувања согласно законот. И, кога ќе видите во одредени други институции, каде се финансираат одредени проекти, кои беа од суштинско значење и важност за ДУИ пред сè, но и за СДСМ, тогаш доаѓате до заклучок дека некој овде свесно го злоупотребил Буџетот за да финансира проекти, преку кои постојат основани сомневања дека тие пари биле злоупотребени. На терен, не гледаме реализација и прогрес на тие проекти. Пред сè мислам на проектите поврзани со изградбата на коридор 8 и 10-Д“, вели Мицкоски.
Неодговорното однесување на ДУИ е закана за мирот и стабилноста, вели во интервјуто Мицкоски коментирајќи го нивното барање принципот „победник со победник“ да влезе во правниот систем, како и територијална реорганизација според белгиски модел. Суштината на тоа однесување според премиерот е да го заштитат богатството кое го стекнале во изминатите 20 години власт. Истакна дека Владата треба да ги преземе сите неопходни мерки, за да го заштити суверенитетот и територијалниот интегритет на државата.
Андријана Ѓурческа
