После поплавите во Србија, мака со комарците

07.07.2014 16:01

Прскањето против комарци во Србија не е успешно поради тоа што нема соодветни климатски услови, укажува српскиот епидемиолог Жељко Јадранин. Во 80 % случаи заразени од вирусот Западен Нил симптомите не се развиваат, додека кај помалку од 1% од заболените се појавуваат тешки симптоми, изјави Јадранин за РТС.

Годинава е идеална за комарци, поплавите оставија многу вода што е идеално за развој на комарците, вели епидемиологот од Воено-медицинската академија Жељко Јадранин.

„Прскањето не е успешно бидејќи нема соодветни климатски услови, потребни се најмалку 5 суви дена без ветар. Затоа и епидемиолошката состојба не е поволна“, објаснува Јадранин за РТС.

Тој потсети дека во минатите две години имало и смртни случаи од вирусот Западен Нил, а годинава е забележан еден случај на заболена жена во Ниш којашто летувала во Грција. Сепак, не е потврдено дали таа се заразила таму. Јадранин вели дека во Србија добро функционира системот на надзор, така што ниеден случај не би поминал незабележано.

Само 20% од сто каснати од комарец развиваат симптоми што личат на настинка проследена со висока температура, болки во мускулите и тоа поминува без никаква терапија. Само кај помалку од 1 % од пациентите се развиваат потешки симптоми, како претходно наведените, со дезориентираност, грчеви во респираторниот систем и тие завршуваат на вештачка вентилација, вели Јадранин додавајќи дека клиниките се подготвени за Западно нилската треска. Јадранин препорачува дека најдобра заштита е соодветна облека, заштитни средства, проверени храна и пијалаци, особено вода. Да не се јаде храна  што не била во фрижидер, особено ако не е заштитена од комарци, муви и мушички, а зеленчукот и овошјето добро да се измијат. Не постои специфична терапија, ниту пак вакцина против вирусот Западен Нил.

Во Македонија се уште нема појава на вирусот, но со оглед на зголемената фреквенција  на луѓето во Грција и во Србија поради годишните одмори и близината, експертите препорачуваат претпазливост.

Соња Стојановска