Пожарот во охридско ставен под контрола, нов пожар на Галичица
Пожарот во охридско е ставен под контрола и барем засега не се очекува да зафати нови површини. Вчера попладне и денеска покрај пожарникарите, вработените во јавните претпријатија и доброволците врз пожарот дејствуваа хеликоптери и авиони „Ер трактор“...

Рано утрово продолжи гаснењето на пожарот на Плаќенска планина, како и на потегот помеѓу охридските села Косел-Расино-Опеница и Вапила.
Со цел да се воспостави контрола врз огнената стихија претпладнето покрај екипите на терен се дејствуваше и од воздух. Од Територијалната противпожарна единица од Охрид, велат дека пожарот се држи под контрола.
„Екипите моментално се на терен и Територијалната противпожарна единица е излезена на терен. Моментално се наоѓаме над селата Расино и Вапила каде што нашите екипи дејствуваат од земја, а исто така имаме поддршка од воздух со два хеликоптери се со цел пожарот да се локализира, да се стави целосно под контрола“, изјави Борко Јанкулоски-командир на Територијалната противпожарна единица-Охрид.
Иако околните села се безбедни последиците од пожарот ги чувствуваат жителите од овој регион.
„Преку цел ден, нарочно кога дува повеќе ветер стварно возилава се прекриени со пепел, се овде има. На пример исто позади имаме градина со домати, едно, друго се е покриено со пепел“, изјави жител.
Во Охридскиот регион попладнево избувна уште еден пожар на планината Галичица. Од Националниот парк „Галичица“ информираат дека тој избувнал во албанскиот дел на планината, но не се исклучува можноста брзо да се префрли на македонска страна, бидејќи се проширил до самата граница.
Противпожарни екипи од Албанија веќе се упатени на терен и се испратени координати до воздухопловните единици кои дејствуваат во коселскиот регион. Експертите велат дека ќе биде добро веднаш да се делува од воздух, бидејќи се работи за непристапен терен.
Од ЦУК велат дека прават напори час поскоро да се интервенира на овој пожар, бидејќи се намалени ресурсите коишто ги добивме од Европскиот механизам за заштита и спасување.
Сашо Нелоски
