Ескалира состојбата на Блискиот Исток, во светот подигнато нивото на безбедност
Светот во исчекување додека тензиите на Блискиот Исток растат. Безбедносни состаноци и планови за превентивни акции во Тел Авив. Иран тврди-не сака регионална ескалација, но Израел мора да биде казнет. Бајден на разговори за случувањата во регионот. Земјите членки на Г7 повикаа на воздржаност и деескалација...

Во исчекување на директен воен напад од Иран, во Тел Авив безбедносни состаноци и планови за превентивни акции, но не и промени во упатствата за итни случаи за цивилите.
„Работиме на тоа да ви го дадеме предупредувањето потребно за оценување на секоја закана. Сè додека не се наведе поинаку, нема промена во одбранбената политика на командата на домашниот фронт“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Армијата на Израел.
Иран тврди дека не сака регионална ескалација на конфликтот, но дека мора да го казни Израел. Предупредувањата на Техеран се сериозни, велат од Белата куќа. Претседателот Бајден на разговори за безбедносните тензии во регионот.
„Кога врховниот водач вели дека ќе се одмазди тоа треба да го сфатиме сериозно. Не знам што ќе направат или кога, но мораме да се увериме дека сме подготвени и имаме способности да помогнеме Израел да се брани себеси, но и нашиот народ и капацитети“, изјави Џон Кирби • Координатор на Советот за национална безбедност.
Нетанјаху се закани дека напаѓачите ќе платат висока цена. Од одбраната велат подготвени се на секое сценарио.
„Иран и неговите полномошници се обидуваат да нè опкружат од седум фронта. Нивната видлива агресија е ненаситна. Решени сме да застанеме против нив на секој фронт, на секоја арена, далеку и блиску. Секој што ќе ги убие нашите граѓани, кој ќе и наштети на нашата држава-ќе одговара. Ќе плати многу висока цена“, порача израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
„Подготвени сме во одбраната, на копно и во воздух да реагираме брзо и да одговориме“, рече министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант.
Во истовреме Хезболах повторно удри во северен Израел. Повредени се двајца војници. Во Газа продолжува уништувањето на Хамас, а во Аденскиот Залив Хутите погодија товарен брод и уништија американски дрон.
„Успешно соборивме американско беспилотно летало додека вршеше непријателски операции на небото на Саада. Со неколку балистички проектили поморските и ракетните сили извршија воена операција кон бродот Гротон во Аденскиот Залив“, изјави Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.
Земјите членки на Г7 повикаа на воздржаност и деескалација на Блискиот Исток за да се избегне ширењето конфликти во регионот, додека се повеќе земји упатуваат апели нивните граѓани да го напуштат Либан.
Бојана Крстевски
