Македонија

Мицкоски - Курти: Инцидентот на скопскиот аеродром нема да ги влоши билатералните односи

05.08.2024 14:55

Косовскиот премиер Курти е во Скопје. Имаше билатерална средба со претседателот на Владата, Мицкоски. Една од темите се очекуваше да биде и инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи, што се случи на скопскиот аеродром...

Билатералните односи се на високо ниво и инцидентот со косовската претседателка на скопскиот аеродром, нема да ги влоши, велат македонскиот и косовскиот премиер. Ќе чекаат правна разрешница.

„Османи е добредојдена и на следното доаѓање на аеродромот јас ќе ја придружувам“, рече шефот на македонската Влада.

Косовскиот премиер Курти ќе го чека извештајот за инцидентот. Вели, несомнено било тешко искуство за претседателката Османи, која патувала со двете деца. Органите изразија жалење и најдобро е да не се повтори ваков случај, рече Курти.

Мицкоски и Курти разговарале и за актуелните екстрадиции. За двајцата од случајот „Монструм“ и за косовскиот државјанин, член на УЧК уапсен на Блаце по распишана потерница од Србија. Случајот го разгледува Специјалното обвинителство на Косово, појасни Курти за обвинетите во „Монструм“. Министрите за правда ќе соработуваат околу овие случаи, но мора да се почитуваат Уставот и законите – заклучиле премиерите Мицкоски и Курти.

 

Миле Ристески