Милошоски: Самарас со своето однесување не прави ништо добро
Потпретседателот на македонското Собрание, Антонио Милошоски со порака до дипломатите на Комисијата за европски прашања...

Солидарноста во Европарламентот не би требало да биде безусловна, особено со некој кој ги прекршил правилата на ЕУ како што тоа го направи грчкиот премиер со неговата екстремна изјава во однос на европските вредности дека не постои македонски јазик. Потпретседателот на македонското Собрание, Антонио Милошоски со порака до дипломатите на Комисијата за европски прашања.
„Доколку на еден политичар од Шведска му се случи во Европскиот парламент да каже деке Норвешкиот јазик е измислен, доколку на некој француски премиер му се случи да каже дека луксембуршкиот јазик е вештачки, тоа најверојатно ќе бидат неговите последни зборови во кариерата. Во овој случај ние имаме еден премиер кој со своето однесување не прави ништо добро за промовирање на европските вредности“, рече потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.
Претставувајќи ги приоритетите на новотопретседателство со Унијата, италијанскиот амбасадор рече дека главни цели се создавањето нови работни места, доближување на Европа до граѓаните, и проширувањето.
„ЕУ е нешто повеќе од географски поим, и затоа се надеваме дека Македонија ќе ни се приклучи во блиска иднина. Унијата нема да биде целосна без земјите од Западен Балкан“, вели амбасадорот на Италија во Македонија, Ернесто Масимино Белели.
Евроамбасадорот Аиво Орав потсети дека важно за Македонија е да продолжи со европската агенда.
„Италијанскиот претседавач е дециден дека проширувањето продолжува. Не треба да има загриженост, и се надеваме дека проблемите овде во собранието ќе се решат што е можно поскоро. Треба да ги продолжите реформите како земја кандидат“, рече евроамбасадорот Орав.
Според Лисабонскиот договор тројно ротирачко претседателство ќе раководи со Унијата во наредните 18 месеци Италија, Латвија и Луксембург.
Лидија Чакар
Снимател: Јован Лесански
