Активен пожарот кај Брезница, нов кај Слатина
Кај селото Слатина, Македонски Брод нов пожар. Сè уште е активен огнен крак кон Јасен, ризично и кај Брезница. Битка со огнената стихија на терен, пожарникари, војска, доброволци од земјава и од странство. Се интервенира и од воздух...

Во Македонски Брод не стивнуваат огнените стихии, а од денеска и нов пожар кај селото Слатина за каде е добиена хеликоптерска поддршка. Дваесетина дена гори борова шума на непристапен терен кај Брезница и Тажево, странски доброволци, од АРМ и пожарникари се на теренот деноноќно.
Два хеликоптери се напомош да го гаснат новиот пожар кај селото Слатина.
А дваесетина дена трае битката со најтешкиот пожар во земјава – кај селата Брезница и Тажево. Горат огромни површини со бор на непристапен терен. Во Тажево изгореа напуштените куќи и од 15-тина, останаа пет. Заедно со малата црква. Активен е кракот кај Јасен. На терен се странски доброволци, припадници на АРМ и пожарникари од Македонски Брод. Сите имаа тешка ноќ.
Општината упатува апел до сите да бидат поодговорни и да се почитува забраната за движење во шума.
Елизабета Митреска
