МНР: Ослободен македонскиот инжинер во Либија

07.07.2014 16:52

Киднапираниот македонски градежен работник Милјазим Гафури е ослободен и се наоѓа во италијанската амбасада во Триполи...

Градежниот работник Милјазим Гафури од Ново Село, Боговиње, е ослободен и се наоѓа во италијанската амбасада во Триполи, соопштуваат од македонското министерство за надворешни работи. Амбасадорот од Македонија во Египет вели дека се во постојан контакт со либиската амбасада.

„Би кажал дека амбасадата ги превзема сите потребни активности во координација и со добиените инструкции од МНР, во контакт сме со либиската амбасада во Каиро,“ вели македонскиот амбасадор во Каиро, Велимир Топаловски.

Милјазим Гафури  заедно со уште двајца негови колеги вработени во италијанска градежна фирма беа киднапирани пред два дена во либискиот град Зувари каде што привремено живеат и работат. Живи и здрави, Македонецот и Босанецот се пронајдени од страна на италијанското министерството за надворешни. За инжинерот од Италија нема информација дека е ослободен. Последен пат колегите ги виделе во саботата, во 7 часот утрото, а полицијата го пронашла нивниот автомобил празен, со вклучен мотор, пред куќата во која живеат. Мобилните телефони до вчера им биле исклучени, а според италијанските власти никој досега не побарал откуп или замена за либиски затвореник.

По симнување на режимот на Гадафи, бунтовниците во Либија често киднапираат странски работници и дипломати, во замена за оружје или пари.

Ана Јосифоска Тодоровска