Ескалира состојбата на Блискиот Исток, прашање на време е кога Иран ќе го нападне Израел
Американскиот претседател свика итна седница на Националниот совет за безбедност. Шефот на Белата куќа бил информиран од политичко-воениот врв за се поизвесниот напад на Иран и Хезболах врз Израел. Во Техеран истрагата покажала дека лидерот на политичкото крило на Хамас, Исмаил Ханије бил убиен со проектил одблиску. Москва распореди радарско-ракетни системи во Иран, тврдат западните медиуми.

Според американските разузнавачки информации нападот на Иран и Хезболах во Израел може да се случи во наредните 24 до 48 часови. За ова биле запознати и челниците на групата седум најразвиени земји кои ја искажале поддршката на Тел Авив. Ги запознавме сојузниците со заканите за Израел, американските воени сили ќе одговорат на нападите врз цели кои Вашингтон ќе ги избере, пишува во соопштението на Белата куќа.
„Дали ќе се случи или нема да се случи нападот е одлука на Иран. Им праќаме порака пораки преку нашите дипломатски врски, зашто ескалацијата нема да биде во нивен и во регионален интерес, ние ќе го браниме Израел. Не мислам дека конфликтот е неизбежен, има ризик секако“, изјави Метју Милер-портпарол на Стејт Департмент.
Пентагон го испрати и вториот носач на авиони во медитеранот, Теодор Рузвелт, од поновата генерација го замени Абрахам Линколн којшто се премести во црвено море, поблиску до Иран. И додека циркулираат последните дипломатски напори за избегнување на војната на блискиот исток, но и во средна Азија, со руски ракети од типот Каќуша е рекетирана американска база во западен Ирак, ранети се неколкумина војници. Во Техеран, шефот на рускиот Совет за безбедност Шојгу се сретна со новиот ирански претседател Пезешкјан.
„Иран не посакува проширување на војната, но Израел дефинитивно ќе добие одговор за злосторствата“, изјави Масуд Пезешкјан-претседател на исламска република Иран.
Состојбата е повеќе од сложена, турскиот претседател Ердоган најави и петиција против Израел пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
„Утре ја поднесуваме петицијата во Хаг. Турција испраќа јасна и силна порака против израелската геноцидна политика. Без разлика на крвопролевањето и геноцидот, Турција никогаш нема да запре во поддршката на палестинскиот народ“, изјави Реџеп Таип Ердоган-претседател на Турција.
Убиството на Исмаил Ханије, лидерот на политичкото крило на Хамас, во Техеран било извршено со ракетен проектил одблиску, покажала балистичката истрага на иранските форензичари. Во предградие на Ерусалим војската ликвидира напаѓач со нож.
Зоран Богатинов
