Охрид преполн со туристи, безбедноста на високо ниво
Најголемиот број охриѓани и туристи уживаат во бројните настани и забави кои им ги нуди најголемиот македонски туристички центар, Охрид. Сепак, има поделени мислења околу бучавата во ноќните часови, додека околу сообраќајната и општата безбедност скоро сите имаат позитивно мислење.

Охрид ја доживува кулминацијата на туристичката сезона. Сместувачките капацитети се преполни со домашни и странски туристи, а градот пулсира 24 часа поради големиот број настани и ноќните забави.
Домаќините и гостите на различен начин го доживуваат Охрид во овие летни денови, бидејќи на некои им пречи сообраќајниот метеж и бучавата, а другите сметаат дека тоа е нормално во овој период од годината. Едногласни се дека Охрид е безбеден град.
И од СВР Охрид велат дека полициските службеници успешно ја спроведуваат кампањата „Безбедно лето“, при што се фокусирани кон зголемување на безбедноста во Охрид, кон решавањето на нарушувањата на јавниот ред и мир и кон подигнувањето на сообраќајната безбедност.
„Оваа година во текот на јули месец нашата статистика евидентира 66 случени сообраќајни незгоди на подрачјето на Охрид и без ниту една жртва во сообраќајни незгоди. Оваа бројка претставува намалување во однос на минатата година истиот период кога сме забележале зголемен број на случени сообраќајни незгоди и за жал едно лице го загубило својот живот, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Според Димоски, Охрид и ова лето има стабилна и поволна безбедносна состојба. Охрид е безбеден туристички центар и она што го прави СВР Охрид е насочено кон постојано зголемување на степенот на безбедноста на градот.
Сашо Нелоски
