Македонија

Опозициските партии бараат политичка одговорност од Африм Гаши

06.08.2024 14:42

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, поднесе интерпелација за отповикување на претседателот на Собранието, Африм Гаши, по како што рече тој – седум основи. Последно во низата е скандалот со неговото лично обезбедување на скопскиот аеродром. Се очекува по завршување на летните одмори, на првата собраниска седница, интерпелацијата да се постави пред пратениците...

Левица поднесе иницијатива за интерпелација на претседателот на Собранието Африм Гаши, по седум основи. Според лидерот на Левица, Апасиев, последниот во низата инцидентот на скопскиот аеродром со обезбедувањето на претседателот на Собранието ја прелило чашата.

Опозициската СДСМ бара целосно расчистување на случајот, и одговорност за извршителот. Порачуваат премиерот Мицкоски да не го штити собранискиот спикер Гаши, како и дека ќе му дадат поддршка на премиерот ако одлучи да го разреши претседателот на Собранието, по инцидентот на скопскиот аеродром со претседателката на Косово, Вјоса Османи.

„Бараме итно Мицкоски да го смени Гаши од Претседател на Собранието за што СДСМ ќе му даде поддршка. Го повикуваме обвинителството да започне постапка, а Мицкоски да излезе во јавноста и да побара од Гаши политичка одговорност“, изјави Кузеска.

ВМРО-ДПМНЕ ја предупреди портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз Кузеска, да внимава што зборува.

„ВМРО-ДПМНЕ има експресна акција од институциите и никој не е поштеден. Одговорност има за секој кој се огрешил пред законот“, се вели во соопштението од ВМРО – ДПМНЕ.

За коалициониот партнер ВРЕДИ нема прекршување на ингеренциите со тоа што „се пратила екипа којашто ќе ја смири ситуацијата“.

Кабинетот на косовската претседателка Османи, со став дека ситуацијата со инцидентот на скопскиот аеродром може лесно да се надмине ако постои политичка волја.

„Она што се случи на аеродромот во Скопје е јасно прекршување на меѓународните правила признати и применувани во светот, па затоа Претседателството очекува да биде известено за преземените мерки во врска со овие прекршувања, како што беше истакнато во протестната нота упатена од Република Косово“, се вели во соопштението на кабинетот на Вјоса Османи.

 

Марина Стојанова-Тонева