„Веибо“ го подготвува теренот за изградба на текстилната зона
Жителите од кумановскиот крај очекуваат инвестицијата да донесе работа за младите и ја запре миграцијата од селата...

400 илјади квадратни метри во атарот на село Петралица, сега прекриени со трева и плевел ќе бидат претворени во производствени погони. Според најавите индустриската текстилна зона ќе вработи 5.000 луѓе. Во околните населени места после претпладневните земјодлески активности нема движења. Дури најработоспособните остануваат во домовите. Па најавената инвестиција им влева оптимизам. И ќе се вработат, ама и миграциите ќе станат минато.
„Мислам дека ако има вработување младите ќе седат повеќе тука... Ако се изгради добро ќе биде... За младите да имаат работа... Ова што се прави добро е, секоја чест за Владата, но треба да се исплатат земјиштата“, велат жителите од овој крај.
Локалните власти ја поздравуваат најавената инвестиција. Сметаат дека ќе биде поволна не само за општината туку и за целиот регион.
„Имаме 4.100 жители само, така што е замислено сигурно да се опфатат и околните општини. Тука е Крива Паланка како поголема општина, Кратово, но и Старо Нагоричане“, вели Момчило Алексовски, градоначалник на општина Ранковце.
Добредојдена е оваа инвестиција велат , помладите оти сега доколку не се вработени во градежништвото остануваат да безделничат во маалските кафеани.
„Овдека има доста млад народ што не е вработен, претежно работат во градежништвото“, вели еден жител.
Компанијата Веибо најави вложувања од 400 милиони долари.
Мултинационалната групација Веибо одлучи од сите понуди во регионот, да ја изгради текстилната зона во Македонија. Се очекува да се преработува од суровина до финален производ.
Веибо ќе работи исклучиво за извоз, изградбата на погоните ќе ја почнат во втората половина од годинава, а првите извозни зделки се најавуваат за почетокот на 2015 година. Од зоната во нашата земја очекуваат вредноста на извозот за пет години да достигне од 600 до 800 милиони долари.
Фиљана Кока
