Се проширува листата на податоци во регистарот на педофили

07.07.2014 18:09

Се проширува листата на податоци за педофилите кои ќе бидат јавно достапни во онлајн регистарот. Министерството за труд предлага нови измени на законот со кои граѓаните ќе бидат информирани дали во нивната околина живее педофил. Надлежните институции ќе добијат рокови за навремено да се ажурираат податоците за осудените.

Покрај основните податоци за педофилите, ќе се знаат и висината на казната, датумите кога осудениот почнал и до кога ја одлежал казната, фотографија од почетокот и од излегувањето од затвор. Ова го предвидувуваат измените во Законот за регистар на лицата осудени за сексуална злоуботреба на малолетници.

„Околу 280 илјади граѓани го имаат посетено самиот регистар и ги имаат пребарувано осудените лица, и токму поради тоа сметаме дека е целисходен овој посебен регистар и тој овозможува превентивна заштита и на децата, меѓутоа и поголема информираност на родителите“, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Со новите измени институциите добиваат рокови за навремено да ги ажурираат податоците за осудените лица и податоците да ги праќаат до Заводот за социјални работи. Во регистарот на педофили ќе бидат вметнати и две нови кривични дела за силување и за обесчествување.

„Доколку имаме јасна слика, ќе можеме сами подобро да си ги заштитиме нашите деца од овие лица кои се веќе осудени“, рече Слаѓана Митовска, пратеник во Собранието.

Регистарот функционира две ипол години и досега се евидентирани 150 педофили. Според последните податоци, најчести жртви на вакви злоупотреби се деца на возраст до 5 години.

Викторија Тодоровска