Блиски Исток

Светот за подготвува за жесток конфликт

07.08.2024 11:54

Повторно тензично на израелско-либанската граница. Хезболах одлучен да ја наплати цената за убиениот лидер. Тел Авив предупредува-преземате огромен ризик да го вовлечете Либан во поширок конфликт. Јахја Синвар-нов лидер на Хамас. САД вршат притисок да се финализира договорот за примирје за да се избегне ескалација во регионот. На југот од Газа нови напади...

Ракети и дронови повторно преку либанско-израелската граница. Израелски воени авиони со низок лет над Бејрут. Либанските власти тврдат-се обидуваат да спречат одговор на Хезболах што би започнал поширока војна, но лидерот на милитантната група со поинаков став.

„Нашиот одговор доаѓа. Ова е прв, сами или со отпорот. Можеме сите да одговориме во еден момент или секој засебно со текот на времето. Но, ова нема да помине неказнето, какви и да се последиците“, изјави Хасан Насрала – лидер на Хезболах.

На иста линија и Техеран, тврдат-не бараат ескалација, но одговор за убиството на Ханије ќе има. Избран негов наследник-Јахја Синвар-нов лидер на Хамас. Неговото место е веднаш до убиените милитанти-велат од Израел. Додаваат дека Хезболах презема огромен ризик да го вовлече Либан во поширок конфликт.

„Насрала презема огромен ризик, покажавме колку сме решителни со убиството на Фуад Шукр во Либан и колку непропорционално ќе одговориме за секое убиство на цивили во Израел. Насрала треба да го земе тоа предвид и да знае дека го ризикува Либан во поширока ескалација. А, за Синвар, има само едно место, а тоа е-до сите убиени терористи кои беа одговорни за 7-ми октомври“, изјави Даниел Хагари -портпарол на израелската армија.

САД вршат притисок да се финализира договорот за да се избегне ескалација во регионот. Велат одлуката зависи од Синвар.

„Важно е сите во регионот да направат оценка за ситуацијата. Разберете го ризикот од погрешна пресметка и донесете одлуки кои ќе ги смират тензиите. Тоа е особено важно со оглед на решавачкиот момент во кој се наоѓаме во преговорите за прекин на огнот во Газа“, изјави Ентони Блинкен – државен секретар на САД.

На југот од Газа додека палестинците водат секојдневна борба да обезбедат храна и вода, израелските напади продолжија. Уништени ракетни фрлачи во близина на складиште со хуманитарна помош. Во истовреме, Турција пред судот во Хаг се приклучи на тужбата против Израел за геноцид додека Палестина соопшти дека е подготвена за преговори со Израел за конечниот статус во рамките на мировната конференција за развој на регионални безбедносни механизми.

 

 

Бојана Крстевски