Саркози под истрага и за финансирањето на неговата кампања од 2012
Новата истрага се обелодени во јавноста само по една недела откако против Саркози почна и официјална истрага за „активна корупција“ и „трговија со влијание“ во врска со финансирањето на неговата кампања во 2007 година...

Против поранешниот француски претседател Никола Саркози е покрената истрага и за финансирањето на неговата претседателска кампања во 2012 година.
Оваа информација, француските медиуми ја објавија само по една недела откако против Саркози почна и официјална истрага за „активна корупција“ и „трговија со влијание“ во врска со финансирањето на неговата кампања во 2007 година.
Новата истрага, која започнала на 2 јули, треба да даде оценка на законитоста на одлуката на партијата на Саркози – Унијата на народното движење (УМП), да ја плати казната место својот кандидат за претседател за надминувањето на лимитот на трошоците во кампањата.
Новата истрага за финасирањето на претседателската кампања произлегува од ставот на Националната комисија за трошоци во кампањите и политичкото финансирање, која во декември 2012 година, утврди дека Никола Саркози за 363.615 евра го надминал плафонот на дозволените трошоци за својата кампања, што изнесувал 22.509 000 евра. Самот кандидат на десницата немал право да прифати казната да му биде платена од неговата партија, туку место тоа требало да врати 153.000 евра и да плати казна, еднаква на сумата со која бил надминат плафонот на трошоците.
