Лавров пречкан со протести и контрапротести во Софија

07.07.2014 19:12

На улиците на Софија одекнуваа извици „НАТО надвор“ и „КГБ надвор“, но од сите погласен беше „оставка“ упатен кон бугарската влада...

Јужен Поток ја подели Бугарија. Посетата на шефот на руската дипломатија Лавров почна со протести и контрапротести. На улиците на Софија одекнуваа извици „НАТО надвор“ и „КГБ надвор“, но од сите погласен беше „оставка“ упатен кон бугарската влада.

„Не ни треба Јужен Поток. И треба на Русија. Мора да ја заобиколи Украина и затоа ја користи Бугарија“, изјави еден од демонстрантите.

Противниците на Јужен Поток, со украински знамиња во рацете, бараат владата да не троши огромни средства за проект што не е потребен и што може да ја направи земјата зависна од Русија. Контрадемонстрантите, предводени од крајнодесничарската Атака, протестираа против НАТО и Европската Унија, која побара Бугарија да ја прекине изградбата на гасоводот. Во рамките на посетата на Софија по повод 135-годишнината од руско-бугарските дипломатски односи, Лавров се сретна со бугарскиот државен врв.

„Се надеваме дека со активен дијалог, Европската комисија ќе ни дозволи наскоро да ја продолжиме изградбата во Бугарија“, рече Кристијан Вигенин, министер за надворешни работи на Бугарија.

„На енергетски план, пред се бугарскиот дел од Јужен Поток треба значително да ја подобри енергетската безбедност на цела Европа“, оцени шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Спорот околу изградбата на Јужен Поток се најде во центарот на политичката криза во Бугарија. Предвремените избори ќе се одржат на 5. октомври откако собранието реши да се самораспушти ден потоа.

Ивана Салтировска