Регионот засега не е загрижен за политичките пораки во земјава, но будно следи
Најавите за дестабилизација будно се следат. Власта тврди дека со барањето на ДУИ за меѓународен ветинг е обид за политичка ескалација. Интегративците тврдат дека најавите за немири се лажни обвинувања. Во соседството се релаксирани од грижата за евентуално проширување на дестабилизацијата, оценува политикологот Арнаудов од Институтот за меѓународна политика од Белград.

Предлогот на интегративците за меѓународен ветинг за висока корупција е обид за политичка амнестија за сторениот криминал, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Порачуваат, партијата на Ахмети да не се крие зад вакви маневри. СДС и ДУИ, пред да зборуваат за меѓународен ветинг треба да имаат домашна одговорност за сторениот криминал. Целата им е заштита на милионските бизниси со нула денари влог.
„Каде беа СДС и ДУИ да зборуваат за ветинг кога се трошеа милионски суми на набавки на рент-а-кар возила за два дена? Каде беа СДС и ДУИ кога фирмите блиски до нив го зголемуваа имотот со фотоволтаични централи. Ниту еден обид за дестабилизација на демократијата нема да успее, затоа и СДС треба да излезе од скутот на ДУИ и да знае дека доаѓа време за одговори и одговорност“, изјави Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според политикологот Арнаудов од Институтот за меѓународна политика од Белград, власта и опозицијата настојуваат да го инструментализираат несогласувањето. Сепак, јаките политички реторики во практика не би требало да имаа импликации на севкупната безбедносна состојба. ДУИ во моментов не ужива меѓународната поддршка и за тоа се свесни, вели Арнаудов.
„Мислам дека каква било активност од ДУИ нема да биде во контекст на нарушување на безбедноста на државата, ниту поддршка од меѓународната заедница. Мислам дека прашањето за безбедносни закани евентуално на внатрешно ниво само се инструментализираат во политички контекст, со цел да се маргинализираат еден од друг. ДУИ дека без нив не се може, а ВМРО дека можеме и без вас“, вели Арнаудов.
Во соседството се релаксирани од грижата за евентуално проширување на дестабилизацијата, оценува Арнаудов. Според него, Македонија во континуитет е во политичка криза која со децении и влијае на евроинтегративниот пат, прашањето отсекогаш било – со кој интензитет.
Марина Стојанова – Тонева
