Евтаназирана слоницата Дуња од скопската Зоолошка
Слоницата Дуња во зоолошката градина е евтаназирана. Големи реакции на социјалните мрежи кои објавуваат фотографии и видеа дека раководството на Зоолошка сакало да ја сокрие веста. Од таму пак, со демант. Велат слоницата била стара и биле констатирани повеќе болести …

Евтаназирана слоницата Дуња, која во Скопје од Шведска беше донесена пред шест години заедно со слоницата Даела. Таму настапувале во циркус, тука требаше да ја поминат староста. Низа шпекулации за нејзината смрт.
„Со голема жалост Ве информираме дека тимот експерти кои во изминатите денови ја прегледуваа слоницата Дуња на 06.08.2024 год. донесоа одлука за евтаназија. Дуња, бескрајно ќе ни недостигаш на сите, ни беше чест што имавме можност да се грижиме за тебе во твоите „пензионерски денови“- стои во соопштението од скопската Зоолошка.
Од опозициската партија СДСМ велат дека смртта на слоницата е последица на негрижа и уништување на зоолошката градина. Се огласија и од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“.
„Се почесто низ годиниве наназад се случува класичен помор на дивите животни во ЗОО – Скопје под неразјаснети околности и образложенија за кои јавноста е скептична и се сомнева дека зад сите овие трагедии се крие негрижа и неуспешно менаџирање“-велат од Здружението.
Бараат независна истрага од надворешни експерти.
Од скопската Зоолошка градина велат дека последнава година слоницата Дуња појавувала симптоми на длабока старост и изнемоштеност и ѝ биле констатирани повеќе здравствени проблеми типични за 60 годишна слоница. Таа речиси и да не гледала, а имала и проблеми со вилицата и забите.
Од скопската Зоолошка градина велат дека во консултација со експерти, поради повеќе здравствени проблеми, одлучена е евтаназија на слоницата.
Александра Спировска
