пожари

Гори на шест места во Македонија

07.08.2024 16:50

Гори на шест места во Македонија. Екипите на терен, хеликоптери од воздух веќе еден месец се обидуваат да ги стават пожарите под контрола. Во околината на „Јасен“ гори голема површина веќе неколку дена...

Екипата на МТВ на терен каде што сè уште се активни пожарите на отворено во општина Македонски Брод. Кај селата Тажево и Брезница и кај ловиштето „Јасен“ со противпожарни возила и комплетна опрема за сузбивање на пожарите помагаа и унгарските специјализирани служби. Дејствуваше и хеликоптер за целосно ставање на контрола на пожарот.

„Втората локација каде што беснее пожар е на териториите  на општините Демир Хисар и Охрид, поточно на Илинска Планина кај селата Витово, Базерник, Мало Илино и Брежани. Третиот е во Општина Чашка, кај селата Папрадиште и Ореше. Активен е и пожарот што изби вчера во Општина Петровец, кај селото Градманци. Гори и во Општина Кочани, кај местото викано „Панаѓур“. Шестиот активен пожар е во Студеничани, кај селата Драчевица и Црвена Вода“- соопштија од ЦУК.

На вчерашната владина седница е констатирано и дека само во јули се регистрирани 620 пожари. Се дискутирало и за штетите, но и за причините за толкавиот број пожари.

„Констатацијата е дека најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор, најмногу ненамерно, поради палење стрништа, пасишта и меѓи, додека во делот на намерно предизвиканите пожари, преовладуваат криминални мотиви и има повеќе такви случаи кои се испитуваат“, се вели во соопштението од седницата.

 

Игор Панов