Вработувањето во странство најинтересно за младите

07.07.2014 19:34

Најатрактивна и најактуелна е работата на брод...

Ако во Грција сезонски работеа по 5000 македонски државјани, годинава се проценува дека бројката е намалена за 5 пати. Една од главните причини за намалениот интерес се скусените плати од 1200 на 700 евра. Наши работници повеќе нема ни на црногорскиот пазар. Нивните мести го зазеле Србите и Босанците. Сега најатрактивна и најактуелна е работата на брод. Овој Прилепчанец вели дека заработувал и до 4000 евра.

„Ние заминавме со идеја да си купиме стан и за 4 години си го обезбедивме станот, но и кола плус. Се заработува од 1000 до 1500 евра месечно“ вели Зоран Јорданоски.

Студентите во летниот период најмногу работат во САД и во последниве две години во Германија. Агенциите за посредување велат дека ангажираните имаат проблем со работните навики.

„Најголемиот проблем со кој се соочуваат они кои ги испраќаме на работа, а воедно и ние, се непочитувањето на редот и дисциплината, непочитуањето на хиерархијата и на работното време“, вели Зоран Кочоски, сопственик на агенција за посредување при вработување во странство.

Надлежните институции ги имаат регулирано престојот и работата на македонските државјани во некои држави.

„Имаме склучено договори со Германија и со Словенија, а со Катар и со Црна Гора во тек се преговори за склучување на договорите за размена на работници“, вели Слободанка Алексоска од Центарот за вработување на Град Скопје.

На сезонска работа најчесто заминуваат граѓаните на возраст од 20 до 40 години, според познавачите тоа се годишно околу 25.000 луѓе.

Наташа Јанчиќ