Струмица

Од затворот во Струмица во бегство се 23 затвореници, тврди новиот директор Ристов

07.08.2024 20:13

Од затворот во Струмица во бегство се 23 затвореници – тврди новиот директор на Казнено поправната установа. Ристов вели осуденици биле принудени да вршат работни задачи на приватни имоти. Најави- допрва ќе се истражува состојбата...

Во бегство се 23 осуденици од затворот во Струмица – ваква ситуација затекнал в.д директорот на оваа Казнено – поправна установа. Ристов го обвинува претходното раководство за неодговорното работење. Вели осудените лица биле приморани да вршат работни задачи на приватни имоти, особено градежни активности. Најави дека овие случувања во наредниот период ќе се истражуваат, а санкциите ќе бидат неизбежни.

„Одговорност мора да следува. Како директор прва моја задача е да се врати достоинството и работниот имунитет на вработените. Да престанат лажните конструкции, лажните објави по социјалните мрежи и привилегиите за одредени осудени лица. Цврсто застанувам против секој обид за рекет, изнуда и притисок. Очигледно тоа е намерен инструмент за да се создаде клима за манипулација“, изјави Зоран Ристов, директор на Казнено – поправната установа во Струмица.

Ристов вели дека во периодот што следува затворот ќе го врати нормалниот процес за ресоцијализација на осудените лица. Ќе се залага за подобрување на условите за живот и работа на осудениците, а степенот на контрола за влез и излез од затворот ќе биде највисоко ниво.

Затворот Струмица е со капацитет за 62 лица, во него извршуваат казна затвор до три години, казна затвор за сторен прекршок и изречена мерка притвор согласно судско решение.

Андријана Ѓурческа