Продолжува тензијата на Блискиот Исток
Убиен уште еден висок функционер на Хамас. Израел тврди – можеме да нападнеме каде било на Блискиот Исток. Во Тел Авив подготовки за одмазднички напади. Нетанјаху смирува-подготвени сме за одговор. САД бараат деескалација. Новиот лидер на Хамас може да ја реши ситуацијата-да го прифати договорот за примирје...

Израелската војска го стега обрачот околу Хамас. Ликвидиран уште еден висок функционер на милитантна група. Тел Авив тврди-режирал напади на Западниот брег. Можеме да извршиме напади каде било на Блискиот Исток-велат од генералштабот. Продолжија со уништувањето на голем број упоришта на Хезболах во јужен Либан.
„Направивме многу важни акции во последните недели, ги убивме највисоките команданти на нашите најпроблематични непријатели и не запираме. Ќе знаеме како да возвратиме со брз напад каде било во Либан, каде било во Газа, каде било на Блискиот Исток, над и под земја, испраќајќи јасна порака до непријателите“, изјави Херзи Халеви -началник на Генералштабот на Израел.
Во Газа, нови бомбардирања на југот и на северот од енклавата. Погоден бегалски камп, има жртви.
„Готвев за ќерка ми, потоа погледнав надвор од шаторот и видов луѓе како излегуваат и бегаат, па реков-нешто ќе се случи, брзо да одиме“, изјави Кадија Ал-Астал – раселена.
Во истовреме во Израел, националната итна медицинска помош собира крв и се подготвува за лекување на ранетите од евентуалниот напад по одмаздничките закани за убиството на политичкиот лидер на Хамас во Иран.
„Се надеваме дека крвта ќе ја искористиме за болни и за жени кои се пораѓаат, а не за ранети. Ние сакаме само мир“, изјави службеничка – Национална итна медицинска помош на Израел.
Нетанјаху со смирувачки тонови.
„Продолжуваме напред кон победата. Знам дека граѓаните на Израел се на штрек и ве замолувам едно – да го задржите вашето трпение и смиреност. Подготвени сме и за одбрана и за напад, ги удираме нашите непријатели и исто решени сме да се браниме“, изјави Бенјамин Нетанјаху -премиер на Израел.
Од САД велат-вклучени сме во интензивни дипломатски напори за спречување на поширок конфликт на Блискиот Исток. Според нив, договорот за примирје зависи од новиот лидер на Хамас, Јахја Синвар.
Бојана Крстевски
