сторија

Онколошките пациенти од клиника на клиника, се чека за дијагностика, се чека и за резултати

08.08.2024 17:23

Патот на онколошките пациенти од клиника на клиника. Се чека за дијагностика, се чека за читање на резултатите. За скен на коски чека пет месеци, за ехо на дојки се чека повеќе од една година, на пациентка од Скопје и понудиле преглед во Вевчани...

Клиника за онкологија, па за Радиологија и обратно и така седум години скопјанката Лидија Стефановска го оди патот, како и сите онколошки пациенти. Неизвесноста по секој преглед станува сè поголема, ќе се најде ли термин за дијагностика, раширена ли е болеста и на другите органи. Лидија ја сретнавме пред Клиниката за радиологија, ги земаше резултатите од магнетната резонанца, вели ги прочитале за седум дена, но со месеци чека за скен на коски и за ехо на дојки ја упатуваат во Вевчани.

И други пациенти кои со месеци чекаат за резултати, сакаат да разговараат со министерот. Од Радиолошки институт одговорија дека се организирале работат и после работно време и за време на викенди, за да го намалат бројот на заостанати, непрочитани наоди, но и бројот на тековни наоди.

Со извештајот од Радиологија, Лидија се упати на Онкологија. Ни раскажа како со месеци немало терапија, и болеста се проширила од дојка, на коски, па на мозок. Терапиите коишто ги има на онкологија не ја лекуваат повеќе. И рекле сама да си ја купува терапијата, која чини 1.500 евра, и се прима на 21 ден.

„Не не се откажувам го сакам животот и затоа се борам“, изјави Лидија.

И на Онкологија велат дека се борат, во моментот има биолошка терапија, дневната болница работи во две смени. Се бара решение да се добие и нова терапија.

И додека да се крои и прекројува здравствениот буџет, останува неизвесноста за Лидија и пациентите како неа, на кои животот им зависи од донации, од хуманоста на граѓаните.

 

Наташа Јанчиќ- Менковски