Пролетниот распуст се укинува
Се укинува пролетниот распуст. Родители и ученици во анкетата на Министерството за образование се изјасниле дека им создава повеќе компликации од поволности. Министерката Јаневска вели учебници ќе има освен за странски јазик, а платите на наставниците ќе се покачат во март догодина...

Пролетниот распуст се укинува, учебната година која ќе стартува на втори септември, ќе заврши на десетти јуни. Родителите и повозрасните ученици во анкетата на Министерството за образование се изјасниле дека не се потребни деновите од одморот на пролет, бидејќи им носеле повеќе компликации во континуираната настава отколку поволност – вели министерката Јаневска.
„Децата губеле континуитет, родителите нема каде да ги остават помалите дечиња. Не им се поклопува со одредени празници, за да можат заеднички да ги искористат. Сметаат дека е повеќе компликација, отколку поволност“, вели министерката за образование Јаневска.
Министерката вели учебници годинава ќе има, дел се веќе дистрибуирани во училиштата, останатите во фаза на печатење ќе стигнат до септември. По стара програма со нови книги ќе учат учениците од седмо бидејќи според Јаневска претходната власт не ги завршила процедурите, учебниците за овој клас и за осмо се на јавна расправа, па во новата учебна година за странски јазици ќе мора да се снаоѓаат.
„Учебници за странски јазици ќе има догодина. И нема да има печатен, значи хартиен материјал за јазиците на заедниците, кои ќе бидат објавени на веб-страницата на БРО. А, бидејќи станува збор за јазик, наставниците користејќи ги тие материјали ќе можат да им предаваат на учениците“, рече министерката Јаневска.
Ќе се интензивира и подготовката на учебниците за втора, трета и четврта средно што досега требало да бидат завршени во време на претходната владејачка гарнитура. Во фаза на одобрување се потврди од МОН, и наскоро ќе бидат дадени на печатење.
Игор Панов
