Култура

35. ликовна колонија „Галичник 2024“ на тема колективна културна меморија

09.08.2024 09:20

Овогодишната, јубилејна 35. Ликовна колонија Галичник ќе започне на 12-ти август и ќе трае до 19-ти, а ќе биде посветена на темата на колективната културна меморија...

Овогодишната, јубилејна 35. Ликовна колонија Галичник ќе започне на 12 август и ќе трае до 19, а ќе биде посветена на темата на колективната културна меморија.

Во прекрасниот амбиент на едно од најубавите планински села во земјава ќе творат 10 уметници. Тоа се: Кристине Ледерер – Австрија, Ивана Хостник – Србија/Словенија, Лучезар Бојаџиев – Бугарија, Софија Димова – Бугарија, Марина Касијаниду – Кипар, Елија Калогјани – Грција, Стефан Корнацки – Полска, Ил Џафери – Косово, Клелија Живковиќ – Северна Македонија и Дарко Алексоски – Северна Македонија.

Според организаторите, имплементацијата на предностите на новата ера во античкиот амбиент на прекрасниот Галичник е како додавање на ново ткиво во организам со дефинирана стратиграфија, а хабитусот помеѓу старото и новото се издигнува во синтеза, синергија, надградба, современост со нагласен културен предзнак.

Секоја година колонијата има тема, а оваа година фокусот е на КОЛЕКТИВНАТА КУЛТУРНА МЕМОРИЈА. Историската меморија, интерпретацијата и ангажманот на општествата, се посочува, се обликувани од нивната култура, институции и споделените наративи. Овој концепт се протега надвор од личните сеќавања за да ги вклучи начините на кои заедницата ја одржува и пренесува својата историја. Спомениците, музеите, наставните програми, медиумите и обредите и ритуалите на заедницата сето тоа го прикажуваат. Заедничкото разбирање на минатото од овие компоненти ги обликува идентитетот и принципите на една заедница.