Расте бројот на заболени од карцином на кожа
Ултравиолетовите зраци можат да бидат фатални за здравјето. Ракот на кожата е во пораст. Годинава евидентирани 100 случаи. Лекарите советуваат да се оди на преглед.
За секоја сомнителна бемка на телото да се оди на преглед, советуваат лекарите, бидејќи ракот на кожа е во постојан пораст. Само годинава според податоците од „Мој термин“ евидентирани се повеќе од 100 случаи, дел се потврдени, а некои се сомнителни. Оваа состојба лекарите ја поврзуваат и со високото ниво на УВ зрачење, но и со генетските предиспозиции.
Пациентите со светол тен и кожа која во детството им била изложена на изгореници, имаат поголеми шанси да заболат од овој карцином.
„Тие пациенти треба да имаат навика, барем еднаш годишно да прават проценка на бемки, затоа што така може навистина да се превенира или да се фати канцерот во многу ран стадиум, кога со една интервенција се решава и тоа е брза интервенција со локална анестезија“, вели д-р Нора Положани од Клиника за дерматовенерологија.
Загрижува податокот дека карциномот на кожа најчесто се појавува кај младите на возраст од 20 до 40 години. Покрај изложеноста на УВ зрачење и вештачкото сончање во солариум е опасно за појава на меланом.
„Тоа го зголемува ризикот од 50 до 75 проценти за појава на карцином на кожата, ако се прави долгорочно многу години“, вели Положани.
И следните денови УВ зрачењето ќе биде високо. Се препорачува кожата да се заштити при изложеност на сонце.
Лекарите апелираат за секоја сомнителна бемка, веднаш да се посети лекар. Доколку меланомот кај пациентот навреме се детектира, шансите за преживување се над 90 проценти.
Андријана Ѓурческа