Тетово

Тетово: Новите решенија за данок на имот повисоки и до 200 насто

09.08.2024 11:56

Деновиве тетовци добија нови решенија за наплата на данок на имот кои се и до 200% повисоки од досега. Голем број тетовци се жалат во Општина Тетово барајќи информации, зошто наеднаш се покачени сметките во време на голема скапотија.

Тетовци добиваат изгор цени за данок на имот. Пред камерата на МТВ се жалат дека за тековната 2024-та година, им пристигнуваат сметки и за до 200% поскапи споредбено со изминативе години. Она што загрижува велат дел од граѓаните, е што за еден имот се наплаќа данок на двајца членови во семејството.

„Имав данок на имот околу 3.000 денари, сега ми дојде 5.000 денари, за еден стан да платиш данок околу 100 евра е многу, ги покачиле цените, а ние не живееме таму. Плаќаме скапо и не праќаат од канцеларија во канцеларија, а високи се температурите“, вели жителка на Тетово.

„Ми стигнало да платам данок на имот за локал кој го немам, тој локал сум го препишал на синот и на него му дошло да плати и на мене, ова е трагикомедија“, вели друг.

„Има големо покачување, не се реални цените, ова не е нормално. Над 100 проценти и до 200 проценти се покачени. Нека се покачи, но со усул, а не како му текнало на некој таму“, додава друг жител на градот.

Од Општина Тетово, објаснуваат дека не се работи за покачување на сметките на данокот на имот, туку за ревалоризација. Според Секторот за финансии, сега за разлика од минатите години имотот на граѓаните чини многу повеќе, а со тоа и даночната пресметка треба да биде поголема.

„Ние работевме на ревалоризација на цените на данокот на имот. Ние сме обврзани да има на секои четири години ревалоризација, тоа е препорака од Државниот завод за ревизија и ние веќе работиме на тоа. Значи во суштина нема зголемување, но има репроценка. Ако еден имот чинел 200 евра за метар квадратен, сега таа вредност е на пример промената, но на поголема цена. Значи ќе повторам, нема зголемување, но има реална вредност на просечна цена на недвижности. Имаме проценители кои се вработени и се обучени и тие се надлежни за делот на проценката на имотите. Но тука ќе додадам дека има и нереални податоци во датабазата на општината, ќе треба уште да се работи, има и грешки кои треба да се исправат, а за граѓаните кои имаат замерки имаме отворено повеќе шалтери за да им излеземе во пресрет. Ова е тежок процес, но мора да се сработи. Ова сепак е предизвик, не се работи за мал број на имоти“, изјави Нуредин Деари, раководител на Секторот за финансии при Општина Тетово.

Во Тетово сè уште продолжува и хаосот со комуналните сметки

Јавното комунално претпријатие започна да наплаќа услуги за гаражи и подруми, а една фактура пристига и на повеќе лица, но со различни пресметки.

 

Зоран Димовски