Се зголемува листата на осомничени и приведени за обидот за терористички напад во Виена
Притворен осумнаесетгодишник Ирачанец, осомничен дека е дел од групата која планирала терористички напад на концертот на поп-ѕвездата Тејлор Свифт во Австрија. Вчера австриската полиција уапси три лица, но едно од нив е ослободено. Меѓу уапсените е деветнаесетгодишниот Беран Алији од Тернице во Австрија, кој по потекло е од Македонија. Властите ги истражуваат осомничените за обид за масовно убиство.

Австриската полиција го расчистува обидот за терористички напад врз поп-мегаѕвездата, Тејлор Свифт во Виена. По трите апсења, притворен е и 18-годишник, ирачки државјанин. Ирачанецот бил во истата група со главниот осомничен, австрискиот државјанин со македонско потекло, Беран Алији, инаку роден во Виена. Алији, кој инаку и не престојувал во Македонија, подготвувал смртоносен напад меѓу 20-те илјади фанови на Свифт пред стадионот Ернест Хапел во австриската престолнина, јавува американската мрежа Си-Ен-Ен. Клучниот сторител призна дека сакал да изврши самоубиствен напад со двајца помошници, информираше премиерот Нехамер.
„Осомничените имале многу конкретен и детален план за да предизвикаат спирала од трагедии во Париз, Манчестер или Москва, секогаш на концерти или настани со многу луѓе, за да остават зад себе масакр. Главниот осомничен призна дека сакал да изврши самоубиствен напад со двајцата помошници“, изјави Карл Нехамер-премиер на Австрија.
Полицијата во Австрија добила информации за терористичкиот обид од странските партнерски служби. Во истрагата за која информираат светските медиуми е вклучена и македонската полиција.
„Ве известуваме дека од страна на австриските власти до министерството за внатрешни работи е пристигнато барање за проверка на лице кое е по потекло од Македонија, а истиот е осомничен за планиран терористички напад во Виена. Од наша страна се постапува по однос на доставеното барање“, изјави Гоце Андреевски – портпарол на македонското МВР.
Австриски курир пишува дека еден од двајцата помошници на Алији, петнаесетгодишникот чие име не се се соопштува, бил ослободен од притворот и добил статус на сведок. Според германскиот весник Билд, 19-годишникот Алији ги прифатил преку интернет начелата на радикалилизацијата од исламски проповедник, откако неговата џамија во Берлин била затворена во 2018-та поради говорот на омраза.
Игор Панов
