МВР поднесе кривична пријава за подметнување пожар, сторителот фатен на дело
Кривична пријава за прилепчанец за предизвикување пожар во Македонски Брод-полицијата го фатила на дело со предмети за палење оган. Состојбата на терен се смирува. Противпожарните екипи во изминатото деноноќие успешно се справија со 37 пожари. Активни се само два.

Полицијата поднесе кривична пријава за подметнување пожар, против 57-годишен маж од Прилеп. Сторителот е фатен на самото место, а со него носел предмети за палење оган. Tој е лишен од слобода, потврдуваат од МВР.
Камерите и дроновите кои ги проверуваат шумските предели, евидентираа дрвокрадци како ја пустошат шумата на планината Серта, онаму каде беснееја најголемите пожари изминатите денови. Од нив биле одземени трактор со приколка, две моторни пили и исечените дрва.
„По насоки од Oсновното јавно обвинителство – Штип, била добиена наредба и извршен претрес во нивниот дом во с. Селце, при што биле пронајдени и одземени испратници и одобренија за сеча на дрвна маса, фотокопии од лични карти, воздушна пушка, две канти со бензин, и други предмети“-информираа од МВР.
Центарот за управување со кризи информираше дека се изгаснати 37 пожари, 7 се под контрола, а се активни само два, во Македонски Брод и во скопско Студеничани. Денеска на три локации гореше и во Скопје.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски ги посети пилотите на ер-тракторите кои неуморно ги гаснат пожарите низ целата држава.
Проценките се дека материјалните штети предизвикани од огнените јазици се милионски суми.
Надлежните апелираат, ако граѓаните забележат сомнителни луѓе да пријават на бројот 112.
Борис Грујоски
