Руско - украински конфликт

Руски ракетен напад врз преполн маркет во Константинивка

09.08.2024 14:46

Најмалку десет жртви и десетици повредени во руски ракетен напад врз преполн маркет во Константинивка – Москва жестоко одговори на украинскиот масовен удар во Липецк. Испраќа дополнителни трупи во Курск. Борбите продолжуваат...

Руски ракети погодија маркет полн со луѓе во Константинивка. Има жртви и повредени. Од под урнатините се извлекуваат луѓе. Нападот доаѓа во момент кога украинските сили извршија масовен удар со дронови во руската област Липецк во кој беше погодена воена база. Гувернерот на областа потврди дека има деветмина повредени.

„Липецк е изложен на масовен напад со беспилотни летала. Имаше детонација“, изјави Игор Артамонов, гувернер на руската област Липецк.

Во областа Курск прогласена федерална вонредна состојба, по изненадувачкиот упад на украинските сили. Руската одбрана испраќа дополнителни трупи. Путин нареди да се обезбеди сета помош за жителите.

„Сегашната ситуација бара одредена доза на храброст и смиреност во решавањето на овие сложени, тешки, вонредни задачи. Одлуката за еднократна исплата на 10.000 рубљи на граѓаните на кои им е потребна е донесена, и ќе бидат доделени потребните ресурси. Покрај тоа, ќе треба да се процени и друга штета. Ве молам да се направи тоа“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

„Штабот веднаш се собра и јас заедно со сите членови на штабот, практично деноноќно ја координираме оваа работа. Ги евакуираме луѓето со автобуси и возови“, изјави Алексеј Смирнов, в.д. гувернер на регионот Курск.

Три дена по украинскиот упад во Курск, Зеленски, изјави дека Москва мора да ги почувствува последиците од нејзиниот напад врз Украина.

„Украинците знаат како да ги постигнат своите цели. А, постигнувањето на целите во војна не беше наш избор. Русија ја донесе војната во нашата земја и треба да почувствува што направи“, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Додека нападот на Киев за Путин е чиста провокација, ставот на Бундестагот е дека Украина може да користи германско оружје за да напредува на руска територија, бидејќи и руската федерација е воена зона.

 

Бојана Крстевски