МОН: Образование кое ќе одговара на пазарот на труд
Средното стручно образование мора да се подобрува. Само со зајакнат систем ќе ја зголеми вработливоста, подобри економијата. Да се воведат програми кои ќе одговараат на потребите на пазарот на труд, се пораките од промотивниот настан во Куманово. Државата до 2027 година треба да добие седум регионални центри за стручно образование.

Поголем пристап до средното стручно образование и наставни програми кои ќе одговараат на потребите на пазарот на труд, се неопходни за подобрување на состојба во образовниот систем, беше истакнато на промоцијата на реконструираниот регионален центар во Куманово. Учениците, но и наставниците мора да ги наградат вештините. Последните резултати од ПИСА тестот покажаа дека се потребни дополнителни активности, а стручното образование и обука не се исклучок, велат надлежните. Неопходна е и соработка со бизнис секторот.
„Зајакнувањето на образовниот систем ќе им даде повеќе сила на учениците. Ќе допре до општеството и ќе го зголеми степенот на вработливост кај младите. Ќе придонесе и за образование на возрасните како и долгогодишното животно учење. Како резултат на тоа средното стручно образование ќе ја подобри економијата во државата“, истакна Александру Албу, шеф на оддел на делегација на ЕУ.
Од МОН ветуваат дека наставните планови и програми, ќе се усогласуваат со потребите на бизнис заедницата.
„Ние сме мала земја што мора повеќе од другите да ги искористи сите ресурси, за да се развива и напредува. Затоа посебно внимание посветуваме на унапредување и заокружување на системот на стручно образование што подготвува кадри способни за брзо вклучување на пазарот на трудот, но истовремено со знаења и вештини за успешно продолжување во високото образование“, посочи д-р Лулзим Алиу, заменик министер за образование и наука.
Во завршна фаза е и Законот за стручно образование и обука, со кој системски ќе се уреди дуалното образование.
Целта на МОН е да се подигне квалитетот на целиот воспитно-образовен систем но и средното стручно образование и дуалното образование, да бидат уште поатрактивни.
Европската унија ќе продолжи да финансира развој на дополнителни центри за стручно образование и наука. До 2027-та година во државата би требало да се е отворат седум вакви центри.
Елена Георгиевска
