Македонија

Пожарите, предизвик за помалите општини во североисточниот дел на земјава

11.08.2024 11:58

Пожарите предизвик за помалите општини. Во североистокот продолжуваат интервенциите на пожарникарите. Со мал број вработени се гаснат пожарите на големи површини. Од единицата апелираат граѓаните да бидат внимателни при посета на излетничките места.

Пожарникарите од помалата општина во североистокот, Старо Нагоричане периодов со полни раце работа. По големиот пожар во Малтино, кој зафати значајна површина, тие интервенираат речиси секојдневно на различни локации. Критични точки се селата Никуљане, Жегљане, Степанце и таму интервенираат по неколку пати во текот на денот. Вообичаено гори нискостеблеста шума, сува трева и стрништа. Во моментов состојбата со пожарите во оваа општина е стабилна.

Сите пожари на територија на општина Старо Нагоричане се изгаснати, вчера како и изиминатите денови повторно имаше пожар во село Жегљане во близина на борови, се појави до патот, на граница со селото Степанце“, истакна Далибор Трајковски, командир ТППЕ Старо Нагоричане.

Од противпожарната од Старо Нагоричане укажуваат дека е предизвик да се одговори на задачите. Интервенираат на голема површина, а располагаат со  мал број пожарникари.

„Секако дека е предизвик да се гаснат, но со оглед на опремата со која што располагаме и со возилата, и минималниот број на достапни пожарникари сега малку е отежното, со појавување на пожар од поголеми размери на кој му помага ветрот, ние мора цела единица да мобилизираме од деветмина пожарникари“, дополни командирот.

Од единицата укажуваат дека интервенираат и на тешко пристапни локации, па затоа апелираат граѓаните да бидат совесни и да не предизвикуваат пожари.

Пожарникарите апелираат особено за време на викендите кога раздвиженоста е значајно поголема, жителите кои што ќе излезат до река или излетничко место, да внимаваат при подготовка на храна или фрлање отпушоци.

 

Елена Георгиевска