Охридско=преспански регион

Шести ден битка со огнената стихија на Галичица

10.08.2024 16:47

Активни пожари во охридско струшкиот регион. Гори на Галичица, пожарот кој пред шест дена избувна од албанска страна се заканува да се прошири кон Преспа. Таму делуваат и пожарникари и воздухоплови. Пожари има и во струшкиот регион...

Шест денови трае битката со огнената стихија на Галичица. Екипите на противпожарната единица и ренџерите деноноќно на терен. Се дејствува и од копно и од воздух со ер-трактори и хеликоптери. Но, пожарот е сè уште активен од албанска страна, а состојбата дополнително се комплицира поради високите температури и силните ветрови, постои опасност од негово проширување кон преспанскиот дел, кон Стење.

„Имаме нов момент од пред два три-часа, како пред три години, ќе ни се повтори после фронтот од два километри на крајно југозападна точка со Албанија, почна се качува на крајни граници од албанската страна и ќе ни префрли во Македонија на горната точка 8, што претставува многу опасен проблем само поради неповолниот ветер“, вели Ѓуро Јовчески, ренџер во НП Галичица.

Екипите постојано дежураат и интензивно се делува за да се локализира пожарот, но проблемот е што од албанска страна нема посериозна акција, интервенција има само од копно.

„Значи од западниот фронт од крајната северозападна точка до крајната југозападна точка, два километри е веќе ликвидирано пред неколку дена. Проблемот е сега, бидејќи албанскиот дел не се гасеше префрла сега и навлегува од вчерашниот неповолен ветер‘, додава Јовчески.

Пожар од вчера има и во струшко, откако се запали депонијата во селото Октиси, а огнот се прошири и во селата Долна Белица и Велешта. Од противпожарната единица Струга велат, нема опасност по куќите во околните села, екипите работат на терен за локализирање на пожарот.

Соња Рилковска