Владата ќе ја разреши Афрона Верзиволи од главен ревизор на ИПА фондови
Ревизорката на европските фондови Вервизоли ќе биде разрешена, соопшти владата. Коалицијата „Вреди“ објаснува дека повлекувањето е за да се осигурат сите стандарди и барања на унијата. СДСМ обвини за лоша кадровска политика…

Назначената Афрона Вервизоли ќе биде разрешена од местото ревизор на ИПА фондовите, информираат од Владата, по низата реакции за кредибилноста на главниот ревизор за претпристапната помош. Од Илинденска, потсетуваат за неправилности со располагањето на европските фондови на претходната власт.
„Ја известуваме јавноста дека назначената Афрона Вервизоли во текот на утрешниот ден ќе биде разрешена од местото ревизор на ИПА фондовите. Воедно посочуваме дека е потребно и вниманието да се насочи кон отворените злоупотреби на парите од ЕУ и фондовите ставени на располагање кои беа присутни во изминатиов период, а за кој постои и пишан траг и нотификација од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) кои поради таквото работење побаруваат од државата исплата на неколку милиони евра“, соопшти Владата.
Опозициската СДСМ реагираше за кадровското решение, Вервизоли да биде ревизор на ИПА фондовите. Според социјалдемократите Вервизоли, не била соодветно квалификувана, а со новоназначената позиција имала голем скок во кариерата.
„Според достапните информации, Вервизоли работела на шалтер во банка, а сега ќе треба да биде главен ревизор на претпристапната помош во ЕУ. Ваков напредок во кариерата е можен само во Владата на Мицкоски, а кои се причините, должен е да каже тој“, велат од СДСМ.
Од коалицијата „Вреди“, којашто ја предложи, велат дека таа е само привремено заменета додека не го добие потребниот сертификат. Дополнително, од „Вреди“ нагласуваат дека таа ќе биде привремено заменета со друг нивен кадар.
„Иако Вервизоли има одлично CV и значително професионално искуство, донесовме одлука таа да биде привремено заменета со друг кадар од нашите редови. Оваа одлука е направена со цел да се осигури дека сите строги стандарди и барања на Европската Унија ќе бидат целосно исполнети, додека Афрона ја заврши својата обврска со добивање на сертификатот“, велат од „Вреди“.
За нејзиното назначување реагираше и Делегацијата на ЕУ во Скопје, која најави дека ќе го преиспита ова назначување, бидејќи се однесуваа на контрола на користењето на проекти и активности финансирани од ЕУ во Македонија.
Марина Стојанова – Тонева
