Во моментов активни неколку пожари
Во моментов во земјава активни се шест пожари, пет се ставени под контрола. До раните утрински часови екипи се справуваа со пожарот во пределот на Новаци. Пожарникари сè уште се на терен имаат и поддршка од воздух. Активни се и пожарите кај Јасен, кичевско Патеец, но и кај Папрадиште и Ореше. Татко и неговите два сина осомничени за намерно предизвикување пожар кај Патишка Река.
Изминатата ноќ беше долга за пожарникарите, вработените во македонски шуми од Битола и доброволците од противпожарното друштво „Архангел“ кои учествуваа во гаснењето на пожарот во месноста Сливица, општина Новаци кој со натчовечки напори е локализиран. Со механизација од РЕК „Битола“ направен е обрач огнот да не стигне до куќите. Манастирот и дел од куќите се спасени, но не и старите и руинирани куќи. Еден крак од пожарот се движи кон Маково и Паралово, тешко пристапен терен, каде постои ризик од експлозија на муниција останата од војните кои се воделе на овие простори вели Александар Ангелески, магистер по безбедност од пожари.
Од вкупно 42 пожари во текот на вчерашниот ден, активни се шест, пет се под контрола и 31 се изгаснати. Гори во околината на Македонски Брод, Новаци, Кичево, Чашка и на Галичица кон Стење. Од меѓународната помош во гаснењето учествуваат четири ер-трактори, два германски и два кипарски. Во текот на денот си заминува унгарскиот тим од 46 пожарникари со специјални возила кој беше стациониран во Македонски брод. Да не се користат пиротехнички средства, огномети, апелираат од ЦУК.
За три лица, татко и неговите два сина поведена е постапка од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство, за кои постои сомнение дека сториле кривично дело предизвикување општа опасност. Запалиле нискостеблеста шума и суви треви на државно земјиште кај Патишка река, а пожарот постоела опасност да се прошири и кон Националниот парк „Јасен“.
Александра Велинова