Во Белград отстранети блокадите од железничките станици
Протести во Белград против ископување на литиум по што беа блокирани главните железнички станици. Утринава блокадите полицијата ги отстрани. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави вонредно обраќање до јавноста по повод овие настани...

Утринава, со интервенција на полицијата, согласно законските прописи како што изјави министерот Ивица Дачиќ, блокадите се отстранети и приведени се повеќе лица.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави вонредно обраќање до јавноста по повод овие настани.
По завршување на протестот на Теразије, повеќе илјади граѓани и студентите, предводени од Златко Кокановиќ од „Не го даваме Јадар“ се упатија кон двете железнички станици во Белград, Прокоп и Нови Белград, притоа во прошетката блокирајќи ги централните белградски улици и мостот Газела.
Демонстрантите порачаа дека ги блокираат железничките станици сè до исполнување на нивните барањата од протестот, носење на закон за трајна забрана за ископ на литиум и бор во Србија, најавувајќи за денес нови блокади ширум Србија.
„Ти Александре Вучиќу не си тема ниту твојата оставка. Не се собравме ние поради тоа. Направи го она што народот ти бара, во спротивно ќе имаш проблем со народот“, повика пратеникот и лидер на Еколошкото востание, Александар Јовановиќ – Чута.
Околу 40.000 луѓе синоќа на Теразије во Белград во организација на еколошките здруженија и невладини организации под слоганот „Нема да има рудници“ мирно, протестираа против ископување на литиум и бор во Србија и отворањето рудник на Рио Тинто во Јадар крај Лозница.
Протестот беше поддржан од опозициските партии и еколошки организации кои истакна дека ова не е политички протест и не е насочен против претседателот Александар Вучиќ.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
