Руско – украински конфликт

Соборен украински проектил во областа Курск, паднал врз станбена зграда

11.08.2024 15:51

Тринаесет лица се повредени од украински проектил соборен од руската противвоздушна одбрана во руската погранична област Курск. Паднал врз стамбена зграда. Русија вчера најави зголемени безбедносни мерки во Курск. Околу 76.000 жители се евакуирани. Зеленски со видеообраќање, пет дена по објавувањето за почеток на офанзивата...

Тринаесет лица се ранети од украински проектил соборен од руската противвоздушна одбрана. Паднал врз станбена зграда во руската погранична област Курск, соопштија властите. Според руското Министерство за одбрана, во текот на ноќта биле соборени 35 беспилотни летала над регионите Курск, Воронеж, Белгород, Брјанск и Ориол.

„Околу три или четири автомобили гореа, луѓето, децата плачеа, бегаа од куќата“, вели руски локален жител.

„Завесите се скинаа, ѕидните плочки паднаа. Беше многу страшно“, рече локална жителка.

„Првата експлозија, втората експлозија, третата експлозија и четвртата разнесе половина од куќата“, дополни друг жител.

„Излеговме, сè беше покриено со чад, се разбира дека имаше паника на влезот, беше страшно.“

„Имаше таков бран, навреме истрчавме во ходникот.“

Русија вчера најави зголемени безбедносни мерки во Курск, каде што упадот оваа недела од страна на украинските сили ги фати руските трупи неподготвени и ги откри нејзините воени ранливости во војната, која трае речиси 2,5 години.

„Имаме 13 повредени, двајца во доста тешка состојба.“, изјави Игор Куцак, шеф на градската управа Курск.

„Имаме училиште подготвено (за евакуирани). Можеме сега да те однесеме таму, ќе те пречекаат во училниците.“, рече Владимир Кљујев, заменик началник на областа Железнодорожни.

„Непријателот изврши нов напад врз нашето цивилно население. Има жртви, сега се во болница. За среќа никој не загинал. Ситуацијата е под контрола, работиме заедно со органите на прогонот. Ги замолувам сите строго да ги следат командите за ракетна опасност, напад и да се засолнат“, изјави Алексеј Смирнов, вршител на должноста гувернер на регионот Курск.

Околу 76.000 жители на областа се евакуирани, изјави во саботата портпаролот на руското министерство за вонредни состојби. Нападот што почна во вторникот е најголем досега и е закана за разгорување на борбите надвор од Украина.

Зеленски со видеообраќање пет дена по објавувањето за почеток на офанзивата и за напредокот на вооружените сили.

„Денес, врховниот командант Сирски веќе неколку пати известуваше – за ситуацијата на фронтот и за нашите дејствија за туркање на војната на територијата на агресорот. Им благодарам на секоја единица на нашите одбранбени сили што го прави ова да се случи. Украина докажува дека навистина знае како да ја врати правдата и гарантира точно каков притисок е потребен – притисок врз агресорот“, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски во своето видеообраќање.

И Белорусија поставува тенкови на границата со Украина. Белорускиот претседател Лукашенко, изјави дека ситуацијата на границата не е мирна и дека има намера да се справи со проблемот на самото место.

 

Борис Грујоски