Србија

Вучиќ: Протестот се одржа демократски, по што следеше терор, ќе разговарам со народот

11.08.2024 16:29

Блокадите на железницата и патиштата на протестот во Белград поради плановите за ископ на литиум се исмејување на демократијата, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ. Сака да разговара за распишување референдум, без разлика дали ќе се одржи во целата држава или на територијата на градот Лозница. Оние кои протестираа бараат со закон да се забрани отворање нови рудници.

Претседателот Александар Вучиќ во обраќањето пред јавноста по повод протестите и блокадите во Белград против ископување на литиум во Србија, оцени дека протестот на Теразије поминал во демократска атмосфера, но не и блокадите на двете главни железнички станици што била насилство, и најави дека ќе оди да разговара со народот низ Србија за ископување на литиум.

„Самиот собир помина во демократска атмосфера, што е многу важно за нашата земја, се беше како што треба во демократските земји. Меѓутоа, како што заврши собирот, се случија работи што ги очекувавме. Затоа што секој ден кога се заканувате има ситуација кога преовладува насилство, а тоа е извршување на тешки кривични дела. Заземањето на меѓународната железничка станица Прокоп, станицата во Нов Белград, запирањето на автопатот и работата на самиот мост Газела не беа придонес за демократијата, туку исмејување на демократијата како политички режим и спроведување на насилство и терор врз малцинството“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Тој за протестот за експлоатација на литиум и компанијата Рио Тинто, посочи дека целта е уништување на српското стопанство и дека запирање на економијата не е решение, туку разговор и порача дека ќе оди да разговара со народот, со оние што мислат поинаку, со обичните луѓе за нивниот страв.

Министерот Ивица Дачиќ кој заедно со Вучиќ се обрати на јавноста рече дека МВР создало услови за функционирање на железничкиот сообраќај без употреба на сила и дека нема повредени.

Тој кажа и дека се приведени 14 лица, како и два странски државјани, против кои ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави.

 

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ

 

 

Фото: Александар Вучиќ - ФБ профил