Од утре нов африкански бран со температури над 40 степени
Долго топло лето. Идната недела нов африкански бран во Македонија. Живата на термометрите ќе се искачи над 40-от степен. Синоптичарите повторно најавуваат портокалова фаза. Граѓаните бараат сенки. Лекарите советуваат, внимавајте кога и каде се движите.

Македонија влегува во портокалова фаза. Земјава и целиот Балкан го зафаќа африкански топлотен бран, кој со себе носи екстремно високи температури на воздухот што ќе се искачат и до 42 степен дење, но и ноќите ќе бидат тропски. Од управата за хидрометеоролошки работи велат дека Скопје ќе биде еден од најтоплите градови.
Граѓаните бегство од жештините бараат во парковите под длабоки сенки.
И покрај топлото време, од УХМР најавуваат нестабилност во средината на неделата со попладневни поројни дождови, грмежи и засилен ветер. Ќе има услови за краткотрајно невреме со силен ветер и појава на град.
Мало заладување од незначителни два до три степени не очекува од наредниот викенд, а препораките од итната медицинска помош остануваат исти како и секогаш, да се избегнува да се излегува на најголемите горештини, од 11 до 18 часот, а оние што мора да излезат за да завршат некоја обврска, да носат лесна и светла облека, со себе да носат шише вода, а хронично болните да ја земаат пропишаната терапија.
Владата поради топлото време донесе препораки за ослободување од работа на бремените жени и лица на возраст над 60 години во период од 12.07 до 18.07.2024 година.
Градежните работници и работниците кои работат на отворено да не вршат градежни и други физички активности на отворено во период од 11 часот до 17 часот. Во детските градинки да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во истиот период.
Александра Спировска
