огнена стихија

Голем пожар над Пехчево, пламените јазици ја проголтаа шумата

12.08.2024 11:19

Голем пожар над Пехчево. Се дејствува и од воздух. Центарот за управување со кризи доцна синоќа одржа кризен штаб. Вчера изгоре и единственото противпожарно возило од Пехчево, а пожарникарите се здобиле со помали изгореници...

Голем пожар на планината Буковик во близина на Пехчево. Пламените јазици ја проголтаа шумата, но и единственото возило на Доброволното противпожарно друштво. Марјан Митриновски е дел од ова друштво и од самиот почеток се бори со пожарите, бидејќи, како што вели, планината е негов втор дом. Како туристички водич тој најдобро ја познава.

Градоначалникот Китански е оптимист дека до крајот на денот пожарот ќе биде локализиран благодарение на противпожарните екипи и од другите градови и дејствувањето на хеликоптерите. Поставен е специјален базен со вода на стадионот во Пехчево, а вода ќе се полни и од базен со вода на приватна фирма.

Штетите допрва ќе се проценуваат, но Пехчево е едно од местата кои најмногу настрадаа од пожарите.

 

Александра Велинова