Распуштањето на Судскиот совет- причина за ново несогласување меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ
И покрај 40-те препораки од Оценската мисија на ЕУ за реформи во судството, ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од распуштање на Судскиот совет. Реформите во правосудството се можни само со спроведување на 40-те препораки од Оценската мисија на ЕУ, со поддршка и мониторинг од Меѓународната заедница – велат во опозициската партија...

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во ново несогласување. Причина распуштањето на Судскиот совет. Тоа е ветување кое доби поддршка од граѓаните. Нема повеќе обвинители и судии кои се на услуга на бизнис криминалните елити, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски коментирајќи го прашањето кој е планот на неговата партија со 40-те препораки од Оценската мисија на ЕУ за реформи во Судскиот совет, дали ќе се имплементираат сега или ќе се чека евентуално распуштање на Советот.
Владата на Мицкоски е фатена во нова лага-реплицираат од СДСМ.
„Додека јавно вели дека „не се откажува од распуштањето на судскиот и обвинителскиот совет“ во официјален документ, потврден од Владата на Мицкоски, се согласиле да се менуваат „само членовите на Судскиот совет на кои им е истечен мандатот“, документот е дел од преземените обврски од реформската агенда за планот за проширување“.
Судии од Европската унија лани, усогласија 40 препораки кои треба да се спроведат за Судскиот совет да работи професионално и стручно. Од вкупниот број препорачани мерки, 17 може да исполни самиот Судски совет, додека за останатите ќе бидат потребни законски измени.
Миле Ристески
