Украина со нови напади на руска територија
Нови украински напади на руска територија. Се евакуира населението од пограничните места-потврдија руските власти. Меѓусебни напади и обвинувања и на украинскиот фронт...

Нови украински напади на руска територија. Москва тврди соборила десетици дронови над Курск, Белгород и Вороњеж. Се евакуира населението од пограничните места-потврдија руските власти.
„Имаме алармантно утро. Непријателска активност на границата. Сигурен сум дека нашите војници ќе направат се за да се справат со заканата. Почнуваме да го преместуваме населението на побезбедно“, изјави Вјачеслав Гладков, гувернер на Белгород.
Во Курск и натаму жестоки борби. Чеченските групи тврдат дека уништиле конвој опрема на вооружените сили на Украина, Киев пак, дека заробиле десетици руски војници. Меѓусебни напади и обвинувања и на украинскиот фронт. По пожарот во нуклеарката „Запорожје“, двете страни прстот да го вперија во другиот.
„Како резултат на гранатирањето од страна на украинските вооружени сили, избувна пожар во постројката за ладење во нуклеарната централа „Запорожје“. Ситуацијата е целосно под контрола и не носи никакви последици – напиша рускиот гувернер Евгениј Балицки на Телеграм.
Зеленски пак, ја обвини Русија дека го подметнала пожарот. Уште еднаш побара поддршка од партнерите да помогнат за да се уништи агресорот.
„Продолжуваме да работиме со нашите партнери за да обезбедиме повеќе системи за противвоздушна одбрана. Сосема е фер Украинците да одговорат на овој терор колку што е потребно, со удари од долг дострел на локациите за лансирање ракети. Ова е основен принцип за заштита на луѓето и ќе продолжиме да разговараме со нашите партнери за да ги укинеме ограничувањата за воздушни удари со долг дострел. Тоа ќе спаси многу животи“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во истовреме се огласи Берлин. Од Министерството за одбрана соопштија дека оружјето што Германија и го дала на Киев, од моментот на неговото предавање, станува сопственост на Украина и таа може да го користи како што смета дека е потребно и правилно.
Бојана Крстевски
