Осум денови беснее пожарот на Галичица, гори ниска вегетација
Осум денови беснее пожарот на Галичица. Откако ќе се стави под контрола огнот повторно ветрот го враќа на македонска страна. Вчера попладне пожарот се прошири кон Преспанскиот дел кон Стење и Магаро. Постои опасност да навлезе во шумите. Ренџерите бараат помош од воздухоплови …

Осум денови трае битката со огнената стихија на Галичица. Иако со денови се делува и од копно и од воздух, неповолните временски услови, силните ветровите повторно огнот од албанската го враќаат на македонска страна. Вчера немаше акција со воздухоплови, па попладнето пожарот се прошири кон Преспанскиот дел кон Стење и кон Магаро, а на Кота 12 се слушаа силни експлозии од гранати од Првата светска војна. Во моментов активни се три критични точки.
„Почна да навлегува нагоре кон територијата на нашата држава и моментално имаме три критични крака. Едниот горе према 9-ка и 10 каде континуирано и во 2017 ни дојде пожарот и во 2021 кога исто длабоко навлезе во нашата територија. Тоа е сериозен и критичен момент, и двата се на преспанскиот дел едниот кон село Горица албанска страна може да навлезе кон Стење, а другиот погоре над Кота 12 и се заканува да влезе во Р М постепено“, изјави Ѓуро Јовчески одговорен на единицата за Пожари.
Екипите деноноќно се мобилизирани, пожарникари, ренџери, спасителите во планина, месно население. Проблемот е што од албанската страна сè уште нема посериозна реакција. Потребна е итна акција од двете држави и да се делува од воздух за да се стави под контрола.
„Апелираме и бараме помош од воздух да го локализираме и држиме под контрола во спротивно ќе се шири и ќе биде многу проблематично во следните денови бидејќи нема најава за дожд ќе биде лошо“, вели Јовчески.
Пожарот беснее на непристапен терен на 2000 метри надморска височина. Гори ниска вегетација трева и смрека, но постои опасност за негово проширување и во шумите.
Соња Рилковска
